Асоцијацијата за демократска иницијатива (АДИ), во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, спроведе истражување за проценка на ранливи области и перцепции за корупција на локално ниво.
Истражувањето се спроведе во пет целни општини – Гостивар, Битола, Кавадарци, Куманово и Штип. Истражувачкиот процес вклучуваше анализа на правната рамка и релевантни истражувања и анализи; интервјуа со релевантни чинители и анкета на репрезентативен број граѓани од целните општини.
Околу 80 % во граѓаните во петте општини опфатени со истражувањето сметаат дека корупцијата е зголемена во споредба со периодот пред 10 години. Според граѓаните, најбитен фактор за корупцијата е желбата за брзо богатење на луѓето на власт, најмалку битен фактор се ниските приходи на јавните службеници. На околу 8 % од граѓаните во петте анкетирани општини им било побарано мито во изминатата година. Од граѓаните на кои им било побарано мито, 35,3 % рекле дека тоа било од институции во областа на здравството. Граѓаните сметаат дека корупцијата во Северна Македонија е најраспространета во судството, а најмалку раширена во социјалната заштита.
Недовербата во институциите е главниот фактор за непријавувањето на корупцијата. Скоро 70 % од граѓаните не знаат каде да пријават корупција.